Порталот Идивиди (idividi.com.mk) и веб локацијата на новинската агенција Нетпрес (netpress.com.mk) на прв поглед делат многу сличности.
Иако речиси целосно се разликуваат според содржината, лесно е да го збуните едниот со другата кога ќе ја видите бледосината боја и огромниот број анимирани реклами кои го одвлекуваат вниманието од самите написи и прилози.
Од друга страна пак, содржините се обновуваат навремено и редовно. Нетпрес нуди авторски, агенциски вести, додека Идивиди е портал за секаков вид вести од светот на бизнисот (како „сериозниот“ така и шоу-бизнисот), совети за стил и здравје итн. Нетпрес е секогаш автор на содржините на својата страница, додека Идивиди адаптира и преведува вести од други портали и сервиси, но ретко ги наведува како извор - наместо тоа, се наведува себеси како автор и извор на веста. Сепак, Идивиди располага со детален импресум, додека Нетпрес ги наведува само директорот и главниот и одговорен уредник на агенцијата.
Во поглед на употреба на фотографии, видео содржини и останата мултимедија, двете страници се идентични. Секоја вест е придружена од една или повеќе фотографии (Нетпрес секогаш има само една, додека Идивиди користи две или повеќе), а видео нема никаде. Единствено агресивно анимираните реклами можат да се сметаат за некаков побогат вид мултимедија, кој и двата портали ги имаат во изобилство.
И кај едните и кај другите има опција за пребарување, со тоа што Нетпрес нуди неколку критериуми за попрецизно барање, како што се година, месец и ден. Пребарувањето носи до архивата, која само кај Нетпрес е означена на почетната страна, иако тешко се забележува.