Под мотото „Слобода, креатива, вработување“, Младинскиот Образовен Форум пред десетина дена го започна проектот „Младинска независност“, онлајн кампања за поттикнување на младинскиот активизам во земјава.
Воден примарно преку социјалните мрежи „Facebook“ и „Twitter“ и преку сопствената веб страница nezavisnost.org.mk, проектот има за цел, како што велат организаторите, „да создава и промовира можности за активизам во областа на комуникациите, визуелното изразување, новите медиуми, изведувачките и другите уметности.“
Кампањата ќе ја спроведуваат пет младински центри во различните универзитетски градови во земјава: Скопје, Штип, Тетово, Битола и Струга. Центрите се состојат од три клуба, или кластери:
-Вербал-кластер е клуб за дебата, односи со јавност и комуникација,
- Арт-кластер е клуб за изведувачки уметности, музика, алтернативен театар и други перформанси,
- Е-кластер е клуб за употреба и развој на нови медиуми, социјално вмрежување и аудиовизуелно изразување.
Освен активностите во рамките на овие клубови, центрите ќе одржуваат и обуки за работни вештини. Наменети за дипломирани студенти, овие работилници ќе учат вештини кои работодавците ги бараат на пазарот на трудот.