3.11.10

Подобри услови за образованието на Ромите

Шеснаесетгодишната Анка е ученичка во прва година. Нејзиното семејство е сиромашно, но и свесно дека Анка треба да се школува. 
Мајка и, татко и , и пет години постариот брат Орхан работат од утро до мрак, да и обезбедат на Анка соодветни услови за да продолжи со школувањето, оти во неа ја гледаат светлата точка на живото. Таа за нив е идната адвокатка, како што ја вика Орхан. И покрај тоа што таа сака да учи, тие се свесни и дека среднот образованието од минатата година е задолжително, и дека ако Анка не оди на училиште ќе треба да платат казна. Не ја знаеа сумата, но слушнале дека ова непочитување на законот е казниво.
Во земјава има околу 63.000 социјални семејства, а дел од нивните деца можат само да претпоставуваат како е да се биде рамо до рамо со нивните врсници кои уште како мали кројат планови што би сакале да бидат и во зависност од тоа се интересираат за тоа каде да го продолжат своето образование. Една од најзагрозените категории корисници на социјална помош се Ромите кои, според статистиките, ја сочинуваат и најголемата група од оние што не се вклучени во образовниот процес. Кај оваа популација, се уште постои одреден процент на осипување кој се јавува по завршување на четврто или на осмо одделение.
Од оваа учебна година средното образование е задолжително за сите ученици, без разлика на нивната национална припадност. Но, и покрај тоа голема е бројката на деца кои не одат на училиште.
Од надлежните институции велат дека со задолжителното средно образование треба да постигнат целосен опфат и на децата кои досега биле надвор од образовниот процес.
Некои родители се против задолжително средно образование, бидејќи, како што велат тие, децата не добиваат стипендии и тие немаат пари ни за леб, а не да им купат облека и обувки.
Минатата година Министерството за образование за сите ученици обезбеди бесплатни учебници, бесплатен превоз и стипендии за повеќето ученици, но со условни парични трансфери.
Сите услови кои можат да се исполнат, а го попречуваат образсованието на ромите се исполнети. За нив оваа не се пакет мерки, туку условен паричен трансфер, односно стипендии за сите ученици од ромска националност, обезбедување на бесплатни учебници, и обезбедување на бесплатен превоз за учениците кои ќе учат надвор од своите градови“, изјави Љупчо Спасовски, сектор за образование.
Кон крајот на месецот, Министерството за образование и наука во Конкурсот за запишување во јавните средни училишта во учебната 2009/2010 година, за учениците Роми предвиде посебна олеснителна мерка за упис според која учениците од ромската етничка заедница можат да се запишат во одредено јавно училиште ако имаат 10% помалку поени од бројот на поени предвиден согласно Конкурсот за соодветните наставни планови и програми и ако ги задоволуваат дополнителните критериуми за испит на знаење и вештини во соодветното училиште.
Според Реџеп Али, директор на управата за заедници... оваа мерка всушност е замена на онаа директорите да запишуваат по еден ученик Ром во секој клас. Според него оваа мерка е со цел да не се осипат ромите ученици. Ваквата олеснителна мерка се спроведува во Хрватска, каде се испостави како позитивна.
Образованието во изминатиот период го следеа многу промени во правец на реформите. Се воведе деветолетка, средното образование станува задолжително. Во делот на средното образование државата има за цел на учениците да им даде можност да го напуштат образованието со одредена квалификација, за да можат да бидат конкурентни на пазарот на трудот. Воведувањето на задолжително средно образование во Македонија го подобрува учеството на Ромите, но се уште е рано да се каже кој е учинокот од оваа мерка.