8.11.10

Боенки со информации











Шаренило од бои, еден куп рубрики со поднаслови, помешани информации со реклами, банери во сите димензии се „заштитни“ знакови им припаѓаат на информативната страница „Журнал“ (www.zurnal.mk) и новинаската агенција „Нетпрес“ (www.netpress,com.mk).Иако основната цел на нивната посета е информирање, сепак невозможно е читателот да не го забележи нивниот изглед. 

Онлајн боенка
Шаренилото е најголемата заедничка карактеристика на двете страници. Помешаноста на информациите со сите реклами и дополнителни алатки за користење (најчесто за забава) го одземаат внмиманието. И на двете места доминира по една боја. Затоа пак се додадени уште многу рубрики, страниците се различно поделени, простор за информации и реклами со најразлични големини и неподреденост. Ваквата хаотична поставеност на работите го нагрдуваат главниот дизајн на страниците. „Нетпрес“ има класичен и непривлечен избор на бои, додека „Журнал“ барем во тој дел може да се пофали дека има убава комбинација на бои, иако веќе е премногу користена. „Нетпрес“ сеуште ја користи класичната вертикална навигација, додека „Журнал“ го употребува хоризонталното поставување на рубриките.

Бледо или сјајно?

Фотографиите кои ги користи „Нетпрес“ се бледи, со мала резолуција и со различна големина во секоја посебна информација. Тоа ги прави на некои текстови да асоцираат дека се објавени од пред долго време, иако се работи за најсвежа информација. Во оваа категорија "Журнал" може да се пофали со подобар изглед на фотографии. Не дека станува збор за професионални, туку тие се со многу подобар квалитет и подеднаква димензија, препознатливо и заедничко за сите објавени информации. И двете страници не користат било какви видеа, освен „ Журнал“ и тоа реклама за својата страница.

Фалби место информации
„Журнал“ има, „Нетпрес“ нема. Иако импресумот треба да го има на секоја интернет медиум, сепак тоа не е случај кај сите од македонските страници. Така на пример „Нетпрес“ нема посебен дел импресум туку само контакт преку нивната интернет адреса. Но ако подобро погледнете на страницата во футерот е наведено дека правен застапник на оваа страница е адвокатската канцеларија „Апостолоски“ од Скопје. „Журнал“ пак може да се пофали дека има импресум, но слободно може да се преименува во "сопствена промотивна кампања". Во неговиот импресум нема никаква друга информација освен тоа дека ова е страница која поставува нови современи стандарди во „онлајн“ новинарството. Сопственоста, уредниците и другите клучни информации не се наведени на ниту едно друго место.

Недостаток на место за складирање

Новинската агенција има архива низ која може да се пребарува преку категории, година, месец и ден. Тоа функционира. Другата страница „Журнал“ нема посебно место за архива. Тука сите минати текстови може да ги најдете во долниот дел на секоја посебна рубрика, но е навистина тешко особено ако не знаете ниту кога била објавена информацијата. Треба да се пребараат по ред сите информации наназад. Тешко дека некој би се нафатил да прелистува долго време кога истата информација веројатно ќе ја најде на друго место. Важно дека и на двете страници ја има опцијата за пребарување.

Свое си е свое

Оригиналноста и единственоста на поседувањето на информациите е еден од клучните критериуми според кој читателите си ги определуваат своите омилени страници. „Журнал“ може да се пофали дека има содржина од сопствена продукција. Настрана од текстовите, интервјуата се единствениот дел кој може да се рече дека е оригинална содржина за страницата. Не е премногу, но добро е што има и такви свои содржини. Сето друго е преведено и превземено, освен настаните каде присуствувале новинарите. Како што и би очекувале, „Нетпрес “ има само агенциски и преведени информации. Оваа страница е воздржана од било какви оригинални информации. За нив најважно е постојаното поставување информации.

Малку повеќе “Like“ не е на одмет

„Журнал“ и „Нептрес“ имаат своја страница за промоција на „фејсбук“ но и двете не се нешто посебно популарни. Можеби една од причините е непостојаноста на поставување информации за своја промоција од двете страници. Досега „фејсбук страницата на Журнал“ има 302 фанови, додека „фејсбук страницата на Нетпрес“ има само 24 фанови. Очигледно е дека и двете страници не си го искористуваат како што треба бесплатниот простор за рекламирање на овој начин на социјалната мрежа „фејсбук“.

Двете страници на „Журнал“ и „Нетпрес“ треба уште повеќе да работат на својот изглед а посебно начинот на поставеноста на информациите. Затоа што впрочем, главната цел е да се информираат читателите на лесен и едноставен начин и тоа за кратко време.