Заеднички експериментален блог на студентите од трета година на Високата школа за новинарство и односи со јавност
8.11.10
Корпоративниот интернет во Македонија
Во последно време во Македонија се зголеми бројот на компании кои интернет претставувањето го сфаќаат сериозно, па редовно и професионално ги ажурираат своите веб страници. „Макпетрол“ и „Алкалоид“ се компании со кои можеме да се гордееме и во оваа област. Затоа и токму нивните веб страници се вклучени во оваа споредбена анализа која има за цел да го пофали она што е направено како треба, но и да укаже на пропусти во врска со начинот на кој управуваат со своите веб страници.
Дизајн на веб страници
Дизајнот или првичниот впечаток од веб страницата е од она што ќе биде пресудно дали случаен минувач ќе застане, ќе просурфа, ќе ги прочита информациите на компанијата или ќе се исклучи уште во првата секунда.
На прв поглед веб страницата на Алкалоид е подобро графички решена бидејќи целокупната содржина е добро оптимизирана за гледање на еден екран (1024 х 768). Веб страницата на Макпетрол пак, бара скролување надолу за да ја видиме целосната содржина понудена на првата страница. И двете компании ги користат своите корпоративни бои во дизајнот на основниот темплејт на страниците, што е добра практика во корпоративниот веб дизајн.
Обнова на содржините
Со оглед на фактот дека станува збор за корпоративни страници чија цел е претставување на компанијата, нејзините производи и активности, нема потреба од често ажурирање на содржината.
Макпетрол уште на првата страница одделил простор каде се комуницираат сите новости и актуелни случувања поврзани со компанијата. Кај Алкалоид недостига ваков вид на комуницирање со публиката.
Информативност
И едната и другата компанија ја искористиле можноста за што подетално претставување на своите производи и услуги, се разбира соодветно на дејноста во која работат. Алкалоид се одлучил за подетално претставување на своите производи, како и неговата ориентираност кон етичкото однесување и социјалната одговорност на компанијата, додека Макпетрол се фокусирал на претставување на дејностите во кои работи. Сите информации на веб страницата на „Макпетрол“ информациите се групирани во подмениа хоризонтално, додека „Алкалоид“ користи вертикална навигација.
Фотографии и мултимедиа
Во изборот на фотографии „Макпетрол“ се одлучил за реални фотографии, направени од нивните продажни места, вработени и производи. „Алкалоид“ пак, користи генерички фотографии кои служат повеќе како симбол на дејноста која ја претставува и се искористени како графички елементи за разубавување на страницата. Како исклучок се искористени слики од производите чии карактеристики се детално наведени.
Контактирање
Начинот на контактирање со едната односно другата компанија е решен на сосема различен начин. „Макпетрол“ пристапот до контакт податоците го претставил со икона и им овозможил на посетителите да остават забелешка во вид на е-маил порака. „Алкалоид“ пак, нема обезбедено ваков начин на контактирање, но затоа има наведено детални контакт податоци како адреса и телефон од сите свои подружници. Во принцип нема правилен и погрешен начин на обезбедување на интерактивност.
Социјални мрежи
„Алкалоид“ за сите кои ја поддржуваат неговата работа има поставено facebook страница, додека пак оваа опција во случајот на „Макпетрол“ е искористено само за неговиот кугларски клуб.