4.10.10

За веб страницата rottentomatoes.com

Rotten Tomatoes е веб страница која примарно служи како агрегатор на филмски критики. Речиси секој филм, независно од земјата на потекло, годината или времетраењето, е застапен на страницата.

Освен основни информации за филмот, трејлери и слики (како што е случајот на веб страницата imdb.com), секој наслов е придружен од оцена за неговиот квалитет, изразена во проценти. Филмовите со оцена над 60 проценти се сметаат за свежи (fresh), додека оние оценети пониско од оваа бројка се ословуваат како скапани (rotten). До оценката се доаѓа со вреднување на рецензии од речиси сите филмски критичари кои се изјасниле за филмот и вадење просек од сите позитивни и негативни рецензии. Освен официјалната оцена, има и оцена од публиката, за која може да гласа секој посетител. Страницата исто така нуди и најнови вести од светот на филмот, интервјуа со познати режисери, сценаристи и глумци, а постои и форум кој е мошне активен.
Страницата е прилично прегледна - сите најнови вести, трејлери и интервјуа се централно поставени во вид на слајд-шоу со останатите вести под нив во вид на листа, додека најновите филмови и нивните оцени се наоѓаат од левата страна. Поделени се на филмови кои во моментот се прикажуваат во кино, филмови кои штотуку излегле во кино и на DVD, како и филмови кои наскоро треба да излезат. Сето ова е збогатено со галерии со слики, популарни трејлери и најнови линкови и рецензии од посетителите.