27.9.10

И ромките сакаат да студираат

Џеврие Љатифовска е ромка од Шуто Оризари која ќе заврши средно училиште уште некој месец и размислува на кој факултет да се запише. Таа учи во средното училиште „Арсени Јовков“ и е одлична ученичка. Вели дека сака да студира и да биде пример за останатите ромски девојчиња кои немаат храброст да продолжат со образованиетo.

Џеврие вели дека сака да се запише на некој приватен факултет, бидејќи таму е подобро, но се зависи од парите затоа што е многу скапо.
-Неможе да го добијам тоа што го сакам затоа што условите ми се ограничени вели со тага во очите Џеврие Љатифовска. Сепак, постои можност да и се исполни сонот затоа што може да конкурира за добивање стипендија што ги даваат приватните факултети. Истата судбина ја делат и неколку други средношколци кои неможат да студираат таму каде што сакаат. Некои заради пари, а некои заради тоа што не се задоволни од предавањата и од начинот на функционирање на приватните факултети.
- Ќе се запишам на државниот факултет затоа што е поевтино, а и повеќе ќе научам за разлика од ФОН кој дипломите ги дава заради тоа што давам пари - вели матурантката Ајдари Хулиа, од средното училиште „Арсени Јовков“.
Џеврие вели дека сака да дипломира и да биде независна, а кога ќе се омажи да придонесува за семејството колку и нејзиниот маж. Таа се надева дека со малку напор ќе успее да ја прекине ромската традиција, родителите да ги омажат само што ќе пораснат. Џеврие е храбра, амбициозна, решителна и со цврст став дека треба да се стави крај на неписменоста кај Ромите, а посебно кај девојките.