Проституција – кривично
дело или професија?
“И ЈАС САКАМ ДА БИДАМ
НЕШТО”
Сексуалните работнички ги бараат своите права од невладините организации,
бидејќи законот не ги штити
На прв поглед, Маја* изгледа како да
работи во фирма, или пак државна администрација. Насмеана ме пречекува во
елегантен црн фустан, ненападно нашминкана, во отмени црни потпетици. Седнуваме
да поразговараме за нејзиниот живот, за нејзината приказна. Маја е триесетдеветгодишна
сопруга и мајка. Маја е исто така и сексуална работничка.
- Жена сум, мајка на три деца, а невработена. Гледам, нема излез. Сопругот исто
така не работи, децата бараат а ти немаш...и така некако се најдов во оваа
професија. Случајно. Се сретнав со една пријателка, и муабетејќи и ја раскажав
мојата приказна...се наоѓав во тешка, безизлезна ситуација, и таа ми понуди.
Нормално, ако сакам јас. И ете, прифатив. Почнав прво со еротски масажи,
сензуални масажи, само тоа, без други работи....и излезе добра пара. Илјада и
петстотини до две илјади денари уште првиот ден. Среќна си отидов дома, оти им
однесов храна на децата. Така започнав и еве до ден денес тоа го работам, фаќам
по нешто, ја започнува таа својата приказна.
Скопје и сексуалната работа во минатиот век
Најстариот занает на светот има богата историја во главниот град. Авторките Алла Качева, Славица Христова и Татјана Ѓорѓиовска раскажуваат за попознатите
локали за тој вид разонода во својата книга „Животот во Скопје 1918-1941”.
- Во Скопје во 1926 год. имало 23 блудилишта
(јавни куќи) од кои две третини се наоѓале во центарот на градот. Такви кафеани
биле „Босфор”, „Централ”, „Босна”, „Српска круна”, „Космај”, „Загреб”,
„Америка”, „Мостар”, „Бачка”, „Железничка казина”, „Империјал”, „Деви Хан”,
„Маврово”, „Бела кафана”, „Јанче Хан”, „Брзи воз” и други.
Во овие локали имало многу јавни девојки кои
им се нуделе на посетителите.
Боривоје Градишки се сеќава на скопските
бордели, „Кафе Шантан”, „Златен паун”, „Шангај”, „Бела лаѓа”, „Океан” што се
наоѓал кај Мала станица и каде што се собирале уметниците, особено Никола
Мартиноски кој насликал еротски сцени на ѕидовите во кафеаната, „Три вили”, „Хајдук
Вељко”, „Бела кафана”, „Маврово”, „Америка”, „Космај”, „Пивни избор”, „Марс”и
други.
Во Скопје постоело биро со посредници за
вработување на невработени лица, но имало и „бироа” што се занимавале со
трговија со „бело робје”. На чисто верска основа во овој град работело и уште
едно познато биро кое се нарекувало „Завод Св. Марта”, а било
основано во 1932 година од страна на католичкиот клер. Се планирало оваа
установа да биде „станица за спасување на морално паднати девојки”. Јавните
куќи во тоа време биле забранети поради што на овие „девојки за разонода” не се
вршела здравствена контрола. Поради големиот број проститутки во
градот, санитетската служба во Скопје издала наредба за најстрога забрана за нивно
шетање низ градот. И покрај нивното прибирање од улиците и носењето на
медицински прегледи, заради здравствена заштита, многу девојки
сепак останувале на улиците и „работеле” за 100 динари или пак за 5
банки, стои во книгата.
Сексуалната работа во Скопје денес
Оттогаш, малку работи се промениле. Низ афери беа
разоткриени ресторани и хотели кои заткулисно работеа како бордели во тетовско и гостиварско, а таквите локали се популарни и во Скопје.
Дваесетитригодишниот Давор* ни раскажа дека
мотелот и ресторан „Конак“ во Чаир нуди слични услуги. Девојките, претежно со
босанско државјанство, ги забавуваат гостите во мотелот или во некоја од
околните куќи, кои нудат соби за оваа намена по цена од 50 евра за 3 часа или
100 евра за цела ноќ помината со нив.
Денес, таксањето сексуални услуги се има
преселено од улиците и борделите на интернет.
- Сама си ги наоѓам клиентите. Сега живееме во такво
време, време на интернет, па таму ставам огласи за лични контакти – Госпоѓа
нуди вакви масажи, такви масажи, продолжува Маја.
Маја веќе четири години го
прехранува своето семејство со нудење сексуални услуги. Искуството денес и
овозможува да згрижува и да работи со други сексуални работнички. Вели дека
често е на терен со девојките, им дели едукативни материјали и им помага да се
заштитат при работата.
Освен Маја, во Скопје дејствуваат и неколку невладини организации кои им нудат
поддршка на сексуалните работнички како што се СТАР-СТАР, коалицијата
„Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и ХОПС. Поддршка,
но и заштита, често потребна во овој вид професија.
- Има и груби клиенти. Сепак, јас сум
искусна жена, госпоѓа, и ги чувствувам. Секојдневно имам контакт со нив и при
самиот телефонски разговор, иако не може да се добие некоја јасна слика за
човекот, претпоставуваш каков би можел да биде, го чувствуваш. Може да е
опасен, може и да не е, но еве толку време работам што, фала му на Бога, не сум
се нашла во некоја особено опасна ситуација. Има мали инциденти и непријатни
ситуации, на пример по завршувањето клиентот да не е задоволен па да си ги бара
парите назад, а да не зборуваме за алкохолизирани клиенти. Затоа избегнувам да
имам работа со такви клиенти, оти се опасни, ни раскажува Маја.
Сексуалните работнички ги бараат
своите права од невладините организации, бидејќи законот не ги штити.
Проституцијата, законот и Европа
- Кај нас никој не може да се
вработи како проститутка, зашто кога ќе се напише шифра, системот автоматски го
одбива барањето. Електронскиот систем на Агенцијата за вработување е наместен
така што не го дозволува тоа. Имало случаи кога некој на шега се обидувал, но
безуспешно, вели Влатко Поповски, директор на Агенцијата за вработување.
„... Денес, во времето на брзите промени, но
и на појавата на големите социјални предизвици, во времето кога секој
граѓанин живее од опасноста на светските епидемии, но и на насилствата од кој
било вид, влкучувајќи ги и сексуалните насилства, сметам дека Собранието на
РМ како највисок законодавен дом може да ја легализира проституцијата како
дејност со која ќе може да се занимава секој граѓанин на РМ.
...
Од здравствен и социјален аспект, тоа би значело
зголемена здравствена контрола врз лицата кои се бават со оваа дејност и која
денес постои во РМ, но во илегални форми. Во епохата на пандемијата наречена
СИДА, легализацијата на проституцијата би го смалила неконтролираното ширење
на оваа болест која се пренесува со сексуален контакт. “
- Од предлогот за легализација на проституцијата поднесен од пратеникот Нано
Ружин во 1996.
|
Оваа одредба стои само за податоците
да се споредуваат со европските статистички системи. Кога станува збор за
легалноста на проституцијата, една од државите како пример за легална
проституција е Холандија, особено главниот град Амстердам, каде дури има и
споменик во чест на најстарата професија. Она што е помалку познато е дека
голем број европски држави ја имаат декриминализирано или пак целосно легализирано проституцијата.
Германија ја легализираше уште во
2002 и законски ја регулира. Проституцијата е легална и во Велика Британија,
Ирска, Франција, Италија, Шпанија, Португалија,
Белгија, Австрија, Швајцарија, Финска, Данска, Полска, Чешка, Словачка,
Унгарија и Летонија.
Во голем број други европски држави
само чинот на плаќање за сексуални услуги е нелегален – муштеријата врши
кривично дело, а не проститутката. Впрочем, најзападната европска држава каде
проституцијата е противзаконска е токму најмладиот член на Европската унија,
Хрватска, што е ист случај со повеќето источноевропски држави.
Она што е малку познато е дека некои од највлијателните држави во регионов,
проституцијата е целосно легална. Во Бугарија проституцијата не е кривично
дело. Грција и Турција не само што ја легализираа туку и целосно ја регулираат
проституцијата – во Турција сексуалните работнички дури поседуваат и посебни
документи за идентификација кои се користат при здравствени проверки.
И во Македонија се можело
Во Македонија, сексуалната работа
сеуште се води како противзаконска. Според Законот за јавен ред и мир, за
оддавање на проституција следува казна од шестотини до осумстотини евра, а
според Кривичниот законик на Македонија проституцијата е кривично дело за кое
се изрекува затворска казна од шест месеци до пет години.
Сепак, во 1996 пратеникот од СДСМ
Нано Ружин неуспешно покрена иницијатива за легализирање на проституцијата во
Македонија.
- Мајка ми беше во
кома по сообраќајна несреќа. Лежеше во шок-соба цел месец во кома, од која
подоцна се разбуди. Таму донесоа една вечер девојка во полусвесна состојба, Бугарка
која работела како проститутка во Македонија. При обид за нелегално поминување
на границата, наш полицаец пукал и ја погодил во десната страна на градата.
Беше свесна дури зборував со неа, но почина по една недела.
Таа ми
ја кажа бедата на нејзиниот живот и опасностите на кои била изложена.
Непријавена, земен пасош, нехигиена, опасност од болести, криење, бегање, диви
гинеколози, малтретирање...за таа цел ја направив иницијативата, ни ги раскажа
Ружин причините за неговиот предлог.
Освен Ружин, пратениците Есад Рахиќ, Самка Ибраимовски и Иван Анастасовски исто
така имаат покренато иницијативи за легализација на проституцијата во
Македонија.
„Почитувани Тодор Петров, Нано Ружин, Иван Анастасовски
и Есад Рахиќ,
Ви се обраќа Мила, проститутка од соседството. Ја
поздравувам Вашата идеологија за општествено одговорна Македонија, за
Македонија без насилство, за безбедна Македонија, за плодна и со полни буџети
Македонија.
Ја поздравувам
Вашата иницијатива,
меѓутоа поздравувам и иницијатива за депенализација на
проституцијата – иницијатива која ќе ме заштити од долгогодишното бесплатно
пенетрирање на полицијата. Уморна сум веќе од тоа!“
|
Според Ирена Цветковиќ од коалицијата
„Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“,
МВР во реалноста не прави разлика
меѓу проституција и експлоатирање, употреба или искористување на проституција.
Наместо тоа, тие преземаат мерки за елиминирање на проституцијата наместо
елиминирање на нејзиното експлоатирање, и како последица презема драстични
полициски мерки против жртвите на експлоатација наместо против експлоататорите.
Цветковиќ понатаму вели дека сето ова влијае на достоинството и човековите
права на сексуалните работнички и ги доведува во постојана закана, како
резултат на селективните промени на законот и постоечките негативни стереотипи.
Ова води кон зголемување на
насилството и стигматизацијата, создавање недоверба кон институциите,
маргинализација и создавање тешко достапни групи кои се најмногу изложени на
сексуално преносливи инфекции и ХИВ, вели таа.
- Подобро би било да се легализира
не лично за мене, туку бидејќи има доста жени кои се бават со таа работа. Лично
за мене, контролите и прегледите би биле добра работа. И во оранизациите со кои
соработувам има проверки, се испитуваме и за нашето здравје и за здравјето на
луѓето околу нас. Не сакам да мислам само на себе, треба и на другите да се
мисли. Плус, тука си и заштитена на еден начин и од самите полицајци, нема да
те гонат бидејќи плаќаш данок на државата. Не те ‘рчкаат, оставаат слободно да си работиш. Сепак, сум
разговарала со жени кои не сакаат да се легализира професијава. Не знам зошто е
тоа така. Велат подобро било вака, колку си вадиш – толку, колку имаш толку
заработуваш. Од лично искуство, повеќето жени со кои сум разговарала се против
легализација, вели Маја.
Сепак, и покрај спорниот правен
статус, таа вели дека има и добри страни на нејзината професија.
- Не оти сакам ова да го работам,
тоа е од што морам. Сепак, некојпат работам па ќе си дадам самата пауза, сакам
некое време да паузирам ама останувам додека да земам плата. Потоа пак ќе
паднам на нула и ќе го вклучам телефонот да фатам некој клиент. Слободата е
добрата страна на оваа професија. Сама сум си свој газда.
Другата добра страна е контактот со луѓе, шансата да им се помогне. Голем дел
од клиентите доаѓаат да најдат некоја утеха. Не те гледаат како, ете да го
употребам зборот, курва, не. Тие тука наоѓаат некој мир. Разговараат со тебе,
целосно се опуштаат, си ги кажуваат личните проблеми, и тоа е многу фино. Се
дружите. Сепак, тоа се класа луѓе, господа, те почитуваат како што ги
почитуваат сите други и ја третираат оваа професија како секоја друга. Или пак
на пример ќе ми дојде некој млад дечко, сака да се зеза, да ужива...знаете
всушност што е работата? Тие одат на запад и гледаат дека дека не ги третираат
таму вака, како курви или проститутки па ајде сега ќе ги малтретираме, ќе им
правиме што сакаме...не! Тука тие 45 минути целосно се опуштаат, брате си
уживаат! Па ќе прашаат дали може повеќе, па ќе си доплатат...некои луѓе
сфаќаат, некои не. Овие вториве стварно се за грев. Можат да ме понижуваат, да
ми кажат се и сешто, ама тоа воопшто не ме погодува. Само неизживеан може да
навредува, објаснува Маја.
Сепак, Маја вели дека не би
размислувала да го работи ова во земја со поинаков однос кон проституцијата.
- Додека да средам некои работи, не.
И не ни можам, носталгична сум за Македонија. Треба да имаш срце за такво
нешто, ти треба и близок човек таму...а имам и деца.
На прашањето дали децата или
сопругот знаат што работи, Маја категорично ни одрече.
- Нема да ме прифатат, особено
децата. Некојпат одам на терен и ќе остане некое кондомче па јас им објаснувам
некои работи, големи се. Ќе ме прашаат, мамо, што е ова? И јас сум принудена да
им објаснувам...тоа е добро и за нив, Ќерка ми е веќе девојка, па и раскажувам
дека сум теренски работник, дека носам кондоми да ги едуцираме помладите за да
се заштитат, и моите деца го разбираат тоа. Инаку, да знаат за
мене...најискрена да бидам, ќе ме мразат.
Сопругот...тој можеби нешто насетува,
можеби знае. Така и му одговара бидејќи јас сум во куќата и маж и жена. Јас се
снаоѓам, децата ниеден ден не останале без ништо, живеат како и сите, ќе кажат
еј мамо децата имаат вакви или такви телефони... девојче, не се мери со другите
деца. Сакаат, бараат децата, а јас како родител, не можам да бидам друга. Не
сум живеела некој луксузен живот, и сега јас сакам да и го пружам тоа.
А би работела нешто друго, би се
потрудила да најдам друга работа, лично за мене. И јас сакам да бидам
нешто...сакам со луѓе да работам. На пример, медицина. Имам желба, мислам имав,
ама ете, немам услови. Докторка, медицинска сестра, тоа ми било...тоа го сакам.
Тоа е мојата приказна, кратка и јасна, завршува Маја.
*Името е променето.